Австралискиот премиер Ентони Албанез го нарече семејното насилство „национална криза“, откако илјадници луѓе ширум земјата се собраа да протестираат против насилството врз жените.

Илјадници луѓе од цела Австралија вчера протестираа за да привлечат внимание на смртта на 27 жени во текот на оваа година во земјата со 27 милиони жители. Се верува дека секоја од нив починала како резултат на родово засновано насилство.

„Митинзите се повик за акција на сите нивоа на австралиската влада за да направи повеќе за да се спречи родовото насилство“, рече Албанез.

„Сосема е јасно дека треба да направиме повеќе. Не е доволно само да покажеме емпатија“, нагласи премиерот за телевизијата „Најн Нетворк“ (Nine Network).

Тој додаде дека „фактот што во просек на секои четири дена една жена умира од рацете на нејзиниот партнер е едноставно национална криза“.

Во текот на викендот низ Австралија се одржаа 17 собири, а на протестот во Мелбурн учествуваа околу 15.000 луѓе.

Албанез рече дека во среда ќе организира состанок на лидерите на австралиските држави и територии за да разговараат за координиран одговор од властите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.