Белгиското федерално обвинителство потврди дека осомничениот за нападот и убиство на полицаец синоќа во Брисел се вика Јасин М. и дека за него се отвора истрага за убиство во терористички контекст, јави дописничката на МИА од Брисел.
Осомничениот околу 19 часот вчера нападна полициска патрола, во нападот е ранет еден, а убиен друг полицаец. Осомничениот при нападот извикал „Алах Акбар“, а бил познат од полициските служби за инволвираност во исламистички екстремистички групи.
Обвинителство отвора истрага за убиство и обид за убиство во терористички контекст, потврдија оттаму.
Тој синоќа нападнал полициско возило застанато на семафор. Полициските службеници се нападнати со нож, едниот во грлото, другиот на раката. Полициската патрола во меѓувреме повикала помош, и друга полициска патрола пукала со огнено оружје во осомничениот, кој се наоѓа во болница.
Утрото на денот на нападот, осомничениот влегол во полициската станица каде се изразувал некохерентно, изразил омраза кон полицијата и побарал психијатриска помош. Лицето е одведено во болница, од каде истиот ден е пуштен дома. Вечерта тој го извршил кобниот напад.
Европската комисија денеска изрази сочувство за семејството на загинатиот полицаец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.