Израелски војници влегле во градот Газа, откако завршиле со опкружувањето на градското подрачје во кое се наоѓа палестинската милитантна група Хамас, јавува денеска американскиот портал „Хил“.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека, по опкружувањето на Газа, воени бродови и авиони сега им помагаат на пешадијата и оклопните возила да ги нападнат командните и контролните центри, како и позициите за лансирање ракети и друга инфраструктура на Хамас.

Хагари додаде дека инженерските единици исто така работат на „уништување и неутрализирање“ експлозиви и други опасни направи за да им овозможат на војниците безбедно да влезат во областа.

-Нашите сили убиваат терористи, што се вели, во борбите гради в гради, на секое место каде што е потребно, на најтешките локации, а израелските војници го водат главниот збор, кажа Хагари на прес-конференција.

Началникот на Генералштабот Херзи Халеви вчера изјави дека израелските сили спроведуваат операции во срцето на градот Газа и дека се борат „гради в гради“.

-Дел од нашите сили се борат во урбани средини, за ова е потребен исклучителен професионализам и многу сила, рече Халеви.

Походот на градот Газа доаѓа само неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху позираше со војниците и рече дека израелските војници се на периферијата на градот Газа и дека се подготвени да „напредат и да победат“.

-Ништо нема да не спречи, рече Нетанјаху на платформа Х.

Влегувањето на Израел во градот Газа дојде помалку од една недела откако Нетанјаху најави „втора фаза“ од војната и проширување на копнените операции во Газа.

Според ИДФ, во копнената офанзива досега загинале најмалку 23 израелски војници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.