Цените на суровата нафта и гас бележат рекорди на берзите поради ескалацијата на украинската криза. Турбулентната и сложена политичка ситуација се прелева и во економиите на земјите од Стариот континент.
И по почетокот на руската воена акција против Украина, Москва продолжува да испорачува гас за Австрија, изјави министерката за енергетика на Австрија, Леоноре Гевеслер, наведувајќи дека има доволно залихи до крајот на април.
По разговорите со експертите од регулаторното тело за енергетика „Е Контрол“, Гевеслер објасни дека и да нема дополнителни испораки, постојат резерви кои би ја покриле потрошувачката во просечна зима до крајот на април, а во многу студената зима до крајот на март.
Таа рече дека Русија најавила дека ќе продолжи да испорачува гас преку Украина, но наведе дека во моментов не може сто проценти да се каже дали тие тврдења се веродостојни.
Гевеслер рече дека ако се „затегне“ со снабдувањето со гас, постојат механизми предвидени со законот за управување со енергијата, кои обезбедуваат снабдување на домаќинствата без државна интервенција.
Приоритет е снабдувањето на домаќинствата, а според денешните податоци е осигурано и по зимата, додаде таа.
Гевеслер рече дека состојбата редовно се следи, а во исто време се разговара и со партнерите на ниво на ЕУ и во меѓународната заедница за овозможување долгорочно снабдување со гас. Пополнетоста на складиштето за гас во Австрија моментално е 18 отсто, што е најниска стапка во ЕУ, но треба да се има предвид високиот капацитет на складирање во Австрија. Имено, 18 отсто од капацитетот за складирање е 18 терават часови гас. Гевеслер најавува дека до лето ќе подготви закон кој ќе има за цел да ја зголеми пополнетоста на магацинот пред зимата. Околу 80 отсто од потрошувачката на гас во Австрија е покриена со гас увезен од Русија.
Министерот за енергетика за релаксација на ситуацијата има намера да се сврти кон алтернативни извори.
Гевеслер ги критикуваше претходните влади, велејќи дека речиси ништо не е направено во последните 10 до 15 години за да се намали зависноста од рускиот гас. Кризата околу Украина скапо ги чини австриските домаќинства. Од почетокот на 2020 година, трошоците за увоз на гас се зголемени за цели седум пати. Просечно домаќинство годинава ќе треба да плати околу 250 евра повеќе за гас. Е-Контрол претпоставува дека цената на бензинот ќе остане на високо ниво до следната година, а дека пад може да се очекува дури во 2024 година.
Цената на гасот во Европа синоќа се катапултира за неверојатни 57 отсто на повеќе од 1.600 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.