Поради екстремните временски услови, над 20 милиони луѓе се соочуваат со глад во јужна Африка каде сушата достигна критично ниво.

Замбија и Малави ја прогласија сушата за национална катастрофа, а соседен Зимбабве, каде околу 2,7 милиони луѓе се соочуваат со глад, е блиску до донесување на таква одлука.

Сушата зафати широка област од Боцвана и Ангола на запад до Мозамбик и Мадагаскар на истокот на јужна Африка.

Сушата во тие земји ги уништи посевите на кои се потпираат десетици милиони луѓе за да преживеат.

Претседателот на Замбија, Хакаинде Хичилема, изјави дека се уништени еден милион хектари од 2,2 милиони на главните посеви на пченка во неговата земја. Претседателот на Малави Лазарус Чаквера побара 200 милиони долари хуманитарна помош.

Со катастрофално лошата жетва оваа година, милиони луѓе во Зимбабве, јужен Малави, Мозамбик и Мадагаскар нема да можат да се прехранат до следната година. УСАИД проценува дека 20 милиони луѓе ќе имаат потреба од помош во храна во јужна Африка во првите неколку месеци од 2024 година.

Многу луѓе нема да добијат помош, бидејќи хуманитарните агенции имаат ограничени ресурси во услови на глобална криза со глад и сè помалку пари.

Пред една година, голем дел од овој регион беше погоден од големи тропски бури и големи поплави. Целиот регион е во еден вид маѓепсан временски круг: прво премногу дожд, а потоа недоволно.

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) наведува дека има „преклопени кризи“ на екстремни временски услови во источна и јужна Африка, при што двата региона во изминатата година беа меѓу „два огна“ – бури и поплави, а потоа топлина и суша.

УНИЦЕФ проценува дека околу девет милиони луѓе, од кои половината се деца, имаат потреба од помош во Малави, што претставува речиси половина од тамошното население, додека бројот во Замбија е повеќе од шест милиони, од кои три милиони се деца.

Покрај климатските промени предизвикани од човекот, регионот е нападнат и од климатскиот феномен Ел Нињо, кој затоплува делови од Тихиот Океан на секои две до седум години, а во јужна Африка тоа значи потпросечни врнежи и суша.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.