Локалните власти во главниот град на Португалија, Лисабон, прогласија состојба на тревога и ги повикаа луѓето да останат во затворени простории бидејќи обилните дождови предизвикаа поплави, кои носеа автомобили и во кои загинало најмалку едно лице.

Португалската метеоролошка агенција ИПМА го стави Лисабон, како и соседната област Сантарем и јужниот регион Алгарве, на „црвено“ метео предупредување поради интензивните врнежи и силните ветрови кои се очекуваат до петок.

Во Лисабон, цивилната заштита извести за стотици инциденти, од поплавени улици, железнички станици и театри до болници, а властите мораа да ги затворат патиштата и тунелите.

Фотографиите објавени на социјалните мрежи, исто така, покажаа поплави во делови од аеродромот во Лисабон, поради што два лета беа пренасочени.

Командантот на Цивилната заштита, Андре Фернандес на прес-конференција изјави дека 55 годишна жена загинала во поплавен подрум во Алгеш, во близина на Лисабон. Нејзиниот сопруг, кој исто така бил во подрумот, бил спасен и преживеал.

Апелираме до луѓето да не ги напуштаат своите домови за време на овие периоди на обилни врнежи“, порача Фернандес, повикувајќи ги оние што живеат во ниските области да „бараат засолниште“ на побезбедни места.

Кабинетот на градоначалникот на Лисабон, исто така, побара од луѓето да останат внатре, а градоначалникот Карлос Моедас посети некои поплавени подрачја, најавувајќи дека наскоро ќе започне клучната работа за изградба на одводен тунел долг пет километри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.