Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, побара од новиот состав на полскиот Парламент и идната влада да продолжат забрзаното да ја вооружуваат полската армија и да не се намалат расходите за одбрана, кои се повеќе од четири отсто од бруто домашниот производ.

Дуда на конститутивната седница на парламентот (Сејм) се закани со вето доколку новите власти ги загрозат достигнувањата во изминатите осум години кога на власт во Полска беше неговата конзервативна партија Право и правда.

Најважна е безбедноста на нашата татковина. Силна, модерна армија е најдобрата гаранција за безбедноста. Мора брзо да извлечеме поуки од настаните во Украина. Следната година ја славиме 20-годишнината од членството во НАТО и Европска Унија. Членството во НАТО и ЕУ се темелите на нашата безбедност, тоа е полскиот национален интерес, истакна Дуда пред новите пратеници.

По конститутивните седници на Сејмот и Сенатот, Дуда ќе му го довери мандатот на поранешниот премиер Матеуш Моравјецки да се обиде да формира нова влада, иако тоа изгледа како невозможна мисија бидејќи опозицијата има удобно мнозинство од 248 пратеници од вкупно 460 во Долниот дом.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.