На евентуална руска употреба на нуклеарно оружје во Украина, НАТО би требало да одговори со конвенционален, но, уништувачки удар. Ова за американската телевизија „Ен-би-си“ го изјави шефот на полската дипломатија Збигњев Рау.
– Колку што ни е познато, претседателот на Русија Владимир Путин се заканува дека ќе употреби тактичко нуклеарно оружје на територијата на Украина, а притоа не го напаѓа НАТО. Што значи дека НАТО е должен да одговори на конвенционален начин, но, така што одговорот ќе биде разорувачки. И мислам дека сега НАТО ѝ праќа на Русија таков сигнал, смета Рау, пренесуваат денеска дел од полските медиуми.
Мобилизацијата во Русија, шефот на полската дипломатија ја означи како доказ дека Путин доживува пораз во својата војна. А, со тоа што на фронтот праќа необучени и слабо опремени регрути, нема да го промени нејзиниот тек.
Полскиот министер предупреди дека дефектот на двата руско-германски гасовода во Балтичкото Море, близу данските територијални води, Северен поток еден и два, лесно може да биде саботажа. Како што тој оцени, за некој да ги заплаши земјите на брегот на Балтикот, бидејќи сите, освен Русија, се веќе членки или ќе бидат примени во НАТО.
– Експлозиите во Балтичкото Море исто така го одвлекуваат вниманието на меѓународната јавност од војната во Украина. Кога ќе ги составиме сите елементи, не можеме да ја исфрлиме тезата оти тоа може да биде елемент на хибридната војна на Русија против НАТО, истакна Рау во дебата во Центарот за стратешки студии во Вашингтон, јави полското радио.
Полското Министерство за надворешни работи очекува независна истрага за дефектот и истекувањето гас од Северен поток еден и два. Портпаролот на МНР, Лукаш Јасина нагласи дека дотогаш секој треба да си ги одмери зборовите и тоа поради твитот на поранешниот шеф на полската дипломатија и некогашен претседател на Сејмот на полскиот парламент, Радослав Шикорски, кој за несреќата, што го израдувала, им се заблагодари на САД.
Од твитот на Шикорски остро се огради и полската Влада, но и неговите опозициски партиски колеги, а беше обвинет и дека ѝ помага на руската пропаганда.
„Крајна неодговорност“, беше реакцијата на твитот на координаторот на тајните служби во Полска, Станислав Жарин.
Пратеникот во Европскиот Парламент на владејачките полски конзервативци, поранешен министер за внатрешни работи, Јоахим Бруџињски изрази надеж дека станува збор за „алкотвит“ на Шикорски.
– Корисен идиот или руски агент? Прашањето го оставам отворено. Сакам да верувам дека тоа е само алкотвит, подвлече Бруџињски.
За полското радио, поранешниот министер за одбрана Томаш Шемјоњак, кој е од опозициската Граѓанска платформа, како и Шикорски, изјави дека „во Европа имаме војна. Какви било обвинувања мора да бидат поткрепени со докази. Кој тоа го сторил, нека спроведат истрага тие кои се надлежни, а тоа е Данска. Дотогаш треба да се биде внимателен“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.