Полските медиуми објавија дека три неидентификувани објекти кои личат на метеоролошки балони се пронајдени во североисточниот дел на земјата, некои од нив со кирилични натписи.

Предметите се пронајдени во регионот на Масуриските езера, недалеку од границата со руската ексклава Калининград.

Приватната радио станица RMF FM соопшти дека ниту еден од балоните немал посебни уреди прикачени на нив. Емилија Плавска од локалната полиција во градот Шчитно за медиумите изјавила дека армијата била известена и дека ќе изврши увид во објектите, пренесува Асошиејтед прес.

Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш рече дека предметите се чини дека се метеоролошки балони и додаде дека ова прашање се третира како „цивилно“, а не како воено прашање. Тој најави дека за инцидентите ќе се разговара на состанок на Комитетот за национална безбедност и одбрана следната недела.

Портпаролот на регионалната полиција Рафал Џаковски изјави дека имало многу инциденти со метеоролошки балони во областа. Инаку, Полска ја поддржува соседна Украина во одбрана од руската инвазија и ја обвинува Москва за водење хибридна војна против Полска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.