Во напад на болница во Газа загинаа стотици Палестинци, што ги продлабочи тензиите на Блискиот Исток и ги зголеми влоговите за американскиот претседател Џо Бајден, кој пристигна во Израел за да изрази поддршка за неговата војна против Хамас.
Комплексната дипломатска мисија на Бајден на Блискиот Исток требаше да го смири регионот и да ги поддржи хуманитарните напори за Газа, но по нападот, Јордан го откажа планираниот самит со американскиот претседател, палестинскиот претседател Махмуд Абас и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.
Абас, исто така, ги откажа плановите да се сретне со Бајден, а палестинските безбедносни сили употребија солзавец и шок-бомби за да ги растераат антивладините демонстранти во окупираниот град Рамала на Западниот Брег додека народот го искажуваше својот гнев.
Бајден претходно изјави дека САД не сакаат конфликтот да ескалира во поширока војна.
Неговото пристигнување во Израел, еден ден по бруталниот напад на болницата, ќе биде обележано со високото ниво на безбедност што го придружува американскиот претседател, а сето тоа го управува Тајната служба.
Низ историјата, американските претседатели често оделе во области на активни воени конфликти, но таквите операции често биле тајни и ненајавени, како што беше случајот со доаѓањето на Џорџ Буш, Доналд Трамп и Барак Обама во Ирак.
Пристигнувањето на Бајден во Израел беше јавно објавено, што дополнително го зголемува нивото на ризик за целата посета.
Тајната служба која се грижи за безбедноста на американскиот претседател ќе ги координира персоналот на Белата куќа, агентите на дипломатската безбедносна служба, амбасадите и нивните колеги од израелската страна – Шин Бет. Израелската безбедносна агенција е задолжена и за заштита на израелскиот премиер и претседател, кои исто така ќе бидат под посебна безбедносна капа за време на посетата на Бајден.
Тајната служба е таа што го организира секој детал од посетата за да ги минимизира ризиците, а посетата на Израел или на Западниот Брег отсекогаш била особено ризична поради заканите низ целиот регион.
Бајден доаѓа во Израел со Ер Форс 1, а Тајната служба го координира неговото пристигнување со војската, која сега го има USS Gerald Ford, најголемиот носач на авиони во регионот, и носачот на авиони USS Dwight D. Eisenhower во Средоземното Море. Тој се приклучува на борбената група која ги вклучува и крстосувачот со наведувани ракети USS Normandy, разурнувачите со наведувани ракети USS Thomas Hudner, USS Carney и USS Roosevelt.
Војската ќе се грижи за безбедноста на Бајден во воздухот, а Тајната служба има и план во случај Бајден да треба итно да биде евакуиран од областа, пишува ABC. Носачите на авиони во источниот дел на Медитеранот беа дел од тие планови за поставување на превентивни безбедносни мерки.
Одбраната од ракетни напади е исто така посебно истакната мерка, а американските безбедносни службеници ќе соработуваат со нивните израелски колеги за да имаат контрамерки, како што е „Железната купола“, околу областа каде што се наоѓа Бајден. Во подготовка ќе има и специјални единици кои ќе имаат планови за сите форми на напади за кои би била потребна заштита на претседателот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.