Еден ден по смртоносниот судир на јапонски патнички авион и авион на крајбрежната стража на аеродромот Ханеда во Токио, властите денеска започнаа истрага за несреќата.
Јапонскиот одбор за безбедност на транспортот (ЈТСБ), владината агенција одговорна за големи несреќи во кои учествуваат авиони, бродови и возови, почна да ги истражува јагленосаните остатоци, објави денеска јапонската новинска агенција Кјодо.
Вчера авион на Џапан ерлајнс при слетување се судри со авион на крајбрежната стража и двајцата се запалија.
Сите 379 патници на патничкиот Ербас А350 успеале да побегнат од запалениот авион без поголеми повреди, но пет патници од Бомбардиер ДХЦ8-300 загинале, а само капетанот бил спасен, но со тешки повреди. Пожарот на патничкиот авион бил изгаснат осум часа по запалувањето.
Помалиот авион превезувал помош за преживеаните од серијата разорни земјотреси што ја погодија Јапонија на првиот ден од годината, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја смири загриженоста дека катастрофата може да ја забави испораката на помош за погодениот дел од земјата.
Џапан ерлајнс соопшти дека „ќе соработува целосно со истрагата за овој немил настан“. Ербас ќе обезбеди и техничка помош на властите во истрагата. Авионот А350-900 бил стар само две години.
Сите писти на најпрометните јапонски аеродроми беа затворени на денот на несреќата, но оттогаш се повторно отворени, освен онаа каде што се случи несреќата. Од авиокомпанијата откажа повеќе од 40 летови од Ханеда во средата, а Ол Нипон ервејс исто така откажа десетици летови на аеродромот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.