Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија војници на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече во ТВ-обраќањето, специјална воена операција на истокот, тврдејќи дека има за цел да ги заштити цивилите.
Во телевизиско обраќање, Путин рече дека акцијата доаѓа како одговор на заканите кои доаѓаат од Украина. Тој додаде дека Русија нема цел да ја окупира Украина. Путин тврди дека одговорноста за крвопролевањето е на украинскиот „режим“. Путин ги предупреди другите земји дека секој обид за мешање во руската акција ќе доведе до „последици кои досега не се видени“. Тој ги обвини САД и нивните сојузници дека го игнорираат барањето на Русија да ја спречи Украина да влезе во НАТО и да и понуди на Москва безбедносни гаранции. Тој рече дека руската воена операција има за цел да обезбеди „демилитаризација“ на Украина. Путин истакна дека сите украински војници кои ќе го положат оружјето ќе можат безбедно да ја напуштат зоната на борба.
Путин додава дека судирите меѓу украинските и руските сили се „неизбежни“ и оти тоа е „само прашање на време“, пренесува Би-Би-Си.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски ги потврди дека Русија извршила ракетни напади, јави Би-Би-Си. Зеленски истакна дека Русија извршила ракетни напади врз инфраструктурата на Украина и врз граничарите.
Тој, исто така, го повика својот Совет за национална безбедност и одбрана да прогласи воена состојба. Се очекува Советот да одржи итен состанок на кој ќе се реши ова прашање
Амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Сергиј Кислица, на итниот состанок на Советот за безбедност предупреди дека е предоцна за деескалација.
Доцна е, драги колеги, да се зборува за деескалација. Рускиот претседател објави војна, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.