Новозеландската премиерка, Џасинда Ардерн, изјави дека по смртта на кралицата Елизабета втора нејзината влада нема да бара промена на статусот на Нов Зеланд од кралство во република.

Ардерн, изјави дека верува дека Нов Зеланд во иднина ќе стане република и дека тоа ќе се случи за време на нејзиниот живот, но дека во моментов нејзината влада има поважни прашања.

Од смртта на Елизабета втора, на 8 септември, Ардерн нема зборувано за идејата Нов Зеланд да стане република, но неколку пати претходно се има позитивно изјаснето за таквата можност.

Според сегашниот систем, лидер на Нов Зеланд е британскиот монарх, а во Нов Зеланд го застапува гувернерот, чија улога последните години е протоколарна.

Сепак, многу луѓе не се сигурни дека Нов Зеланд ќе може да излезе од сенката на своето колонијално минато и да стане целосно независна нација додека не стане република.

Имаше дебати, многу години наназад. Јас го кажав мојот став неколку пати. Верувам дека Нов Зеланд ќе стане република со текот на времето, дури и во текот на мојот живот, но не очекувам дека тоа ќе се случи наскоро, ниту пак е на агендата сега – кажа Ардерн.

Премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун, вчера изјави дека граѓаните на оваа островска земја во Малите Антили на референдум ќе гласаат дали да стане република по смртта на британската кралица Елизабета втора.

Според него, референдумот ќе се одржи во следните три години и притоа касно нагласи потегот нема да се преземе од непријателство, пренесува Би-би-си.

Австралискиот премиер, Ентони Албанесе, кој, пак, откако ја презеде функцијата во мај, веќе прави напори земјата да ја направи република, вчера изјави дека сега не е време за промени, туку за оддавање почит на животот на британската кралица.

Албанесе претходно изјави дека одржувањето референдум за Австралија да стане република не било приоритет во неговиот прв тригодишен мандат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.