Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен денеска ќе ја посети Лампедуза, италијански остров на кој на почетокот на оваа недела пристигнаа повеќе мигранти отколку што таму има жители, што повторно ја започна дебатата за поделба на одговорноста за мигрантите во рамките на ЕУ.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во петокот дека миграцискиот притисок што го трпи нејзината земја е „неподнослив“ и повика прашањето за миграцијата да се стави на дневен ред на самитот на ЕУ во октомври. Урсула фон дер Лаен денеска ќе дојде во Лампедуза на покана на италијанската премиерка, соопшти нејзиниот портпарол Ерик Мамер.

Оваа мигрантска криза е предмет на интензивни дипломатски активности во последните 48 часа. Вчера за кризата телефонски разговараа министрите за внатрешни работи на Франција, Германија и Италија и европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон.

Францускиот министер Жералд Дарманин, исто така, има намера да ја посети Лампедуза во наредните денови, а претседателот Емануел Макрон вети дека „ќе ја зајакне соработката на европско ниво со цел да се најдат ефективни решенија за оваа криза, итни и долгорочни“.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер нагласи „дека Германија секогаш покажувала солидарност и ќе продолжи да го прави тоа“. Лоцирана на помалку од 150 километри од тунискиот брег, Лампедуза е една од првите транзитни точки за мигрантите кои го преминуваат Средоземното Море со надеж дека ќе стигнат до Европа.

Помеѓу понеделник и среда, околу 8.500 луѓе, повеќе од целокупното население на Лампедуза, пристигнале на островот со 199 бродови, според бројките на агенцијата за миграција на Обединетите нации. Центарот за прием на мигранти на островот е наменет за помалку од 400 луѓе.

Иако добар дел од нив оттогаш се преместени на друго место, во пренатрупаниот прифатен центар вчера сè уште имаше 2.500 мигранти. „Миграцискиот притисок врз Италија од почетокот на годината е неодржлив“, рече во петокот премиерката Мелони, која ја предводи најдесничарската италијанска влада од Втората светска војна.

Таа процени дека „десетици милиони луѓе“ во Африка би можеле да ги напуштат своите земји поради војна или глад, велејќи дека „Италија и Европа не можат да примат огромна маса“ мигранти.

Повеќе од 127.000 мигранти пристигнаа на италијанските брегови од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе од истиот период во 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.