Карневалот во Рио де Жанеиро, познат како Мека на карневалите, се враќа по двегодишна пауза предизвикана од пандемијата на корона вирусот. Градоначалникот на Рио, Едуардо Паес ги предаде клучевите од градот на карневалот „Кралот Мому“ и на тој начин го отвори фестивалот.
Уличните забави во Рио, познати како „блокос“, не добија дозвола од градските власти, но градоначалникот изјави дека нема да праќа полицајци на учесниците.
Градското собрание нема да ги спречи луѓето да бидат на јавни места, да слават, но невозможно е тоа да се случи во толкав (голем) број – порача Паес, пренесува „Тајм“.
Карневалот во 2022 година требаше да се одржи од четврток, 24 февруари, до вторник, 1 март, но поради Омикрон сојот на корона вирусот, што се шири низ Бразил, фестивалот беше одложен за два месеци, а карневалот ќе се организира помеѓу 20 и 30 април 2022 година.
Поради пандемијата, карневалот беше организиран во 2020 година, но без голема гужва, за следната година да биде откажан. Пред две години Бразил го одложи фестивалот за прв пат по еден век.
Минатата година градоначалникот симболично им го предаде градскиот клуч на здравствените работници во лабораториски мантили, откако најави откажување на карневалот поради пандемијата.
Првиот карневал во Рио бил организиран во 1640-тите, како гозба, по примерот на римскиот фестивал Сатурналија, каде што присутните им оддавале почит на боговите на виното.
Фестивалот „Ентрудо“ го вовеле Португалците, инспирирајќи го создавањето на карневали во Бразил. Во 1840 година, бил одржан првиот маскенбал во Рио, со полка и валцер во центарот на вниманието, заедно со комбинација од многу танци.
Африканската култура оттогаш има големо влијание на карневалот со воведувањето на самба музиката во 1917 година. Самбата сега се смета за традиционална бразилска музика.
„Кралот Мому“ се смета за крал на карневалот на бројни церемонии во Латинска Америка, главно во Бразил и Колумбија. Локалната заедница често избира луѓе да ја играат улогата на „кралот Мому“, што се смета за голема чест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.