Пакистан денеска ги укина сите ограничувања поврзани со коронавирусот, враќајќи го животот во земјата во предпандемиската нормалност. Одлуката следува откако бројот на Ковид-19 случаи опаѓаше веќе некое време, јави ДПА.

– Одлучивме да ги укинеме сите рестрикции, изјави министерот задолжен за одговори околу коронавирусот во земјата, Асад Умар.

Тој додаде дека, сепак, сите граѓани, кои ги исполнувале условите, биле советувани да се вакцинираат.

На граѓаните сега им е дозволено да организираат и да присуствуваат на венчавки, забави, социјални или религиозни собирања, можат да јадат внатре во рестораните, а ќе нема повеќе ни ограничено време за нивното работење.

Најмалку четири смртни случаи и 493 нови случаи со Ковид-19 се евидентирани во последните 24 часа, според Министерството за здравство. Досега, земјата регистрираше вкупно 1.520.120 заразени и 30.317 смртни случаи поврзани со коронавирусот.

Пакистан, со население од 220 милиони жители, има администрирано повеќе од 219 милиони дози вакцини, над 101 милион се целосно вакцинирани, откако започна имунизацијата во февруари, 2021 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.