Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, изјави дека Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД.

Според Орбан, Европа „нема да може сама да го носи товарот на војната“.

Орбан се залага за мирно решавање на конфликтот и се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека Трамп ги споделува неговите ставови и дека ќе преговара за мирно решение на конфликтот во Украина доколку биде реизбран за претседател на САД.

Унгарскиот лидер го поддржува американскиот републикански претседателски кандидат на претстојните избори во САД во вторник, на кои поранешниот претседател ќе се соочи со кандидатот на Демократската партија и американска потпретседателка Камала Харис.

Ние (во Европа) мора да сфатиме дека ако во Америка се избере претседател кој е за мир,… ако се случи она што го очекуваме и Америка се декларира за мир, тогаш Европа не може да продолжи да ја поддржува војната, рече Орбан.

Унгарскиот премиер изјави дека Украина ќе биде едно од главните прашања на агендата на европските лидери во Будимпешта оваа недела, мислејќи на состанокот на европската политичка заедница и неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

Европа не може сама да го поднесе товарот (на војната) и ако Американците прогласат мир, тогаш ќе мораме да се прилагодиме и токму за тоа ќе разговараме во Будимпешта, објасни Виктор Орбан.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада гледа на Трамп како „шанса за мир“ во Украина.

Во четвртокот, Виктор Орбан имаше телефонски разговор со Доналд Трамп за да му посака успех на изборите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.