Просечен Палестинец во Газа живее од две парчиња арапски леб направен од брашното што Обединетите нации (ОН) го складираа во регионот, но главниот крик што сега се слуша на улиците е „Вода, вода“, вели директорот на агенцијата на ОН за палестинските бегалци, Tомас Вајт.
Вајт, кој рече дека патувал во Газа во последните неколку недели, го опиша местото како „сцена на смрт и уништување“ и додаде дека сега ниту едно место не е безбедно, а оти луѓето се плашат за своите животи, за својата иднина и за нивната способност да ги прехранат своите семејства.
„Палестинската агенција за бегалци, позната како УНРВА, им помага на 89 пекарници низ Газа, со цел да обезбеди леб за 1,7 милиони луѓе“,
изјави Вајт пред дипломатите од 193 земји-членки на ОН на видеобрифинг од Газа.
„Но, сега луѓето бараат нешто друго, бараат вода“,
додаде тој.
Заменик-координаторот на ОН за Блискиот Исток, Лин Хестингс, кој е и хуманитарен координатор за палестинските територии, рече дека само една од трите водоводни линии од Израел е оперативна.
Шефот на хуманитарната помош на ОН, Мартин Грифитс, пак, изјави дека се водат интензивни разговори меѓу властите на Израел, Египет, САД и ОН за да се овозможи испорака на нафта во Газа. Според него, тоа е неопходно за функционирање на институциите, болниците и дистрибуцијата на вода и струја.
Според проценките на Обединетите нации, повеќе од 600 илјади луѓе се засолнети во 149 центри на ОН, но Агенцијата изгубила контакт со многу од нив во северниот дел на Газа каде што Израел води интензивни борби како одговор на нападите на Хамас од 7 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.