Официјален Киев потврди дека преговара со Русија за воспоставување хуманитарни коридори, но украинските власти нагласуваат дека тие најверојатно нема да бидат воспоставени додека руските сили се обидуваат да напредуваат.
Украина, исто така, оценува дека предлогот на Русија за отворање хуманитарни коридори е „целосно неморален“ бидејќи Москва предложила на граѓаните да им биде дозволено да се евакуираат од украински градови во Белорусија или Русија.
Портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Олексеј Арестович, порача дека на Украинците треба да им се дозволи да одат каде што сакаат, но препорача да не се евакуираат во Русија.
Ова е целосно неморална приказна. Тие се граѓани на Украина, треба да имаат право да бидат евакуирани на територијата на Украина – изјави портпаролот на Зеленски.
На барање на францускиот претседател Еманауел Макрон упатено до рускиот претседател Владимир Путин, руските оружени сили од 10 часот објавуваат прекин на огнот и отворање хуманитарни коридори од Киев, Мариупол, Харков и Сума.
Земајќи ја предвид катастрофалната хуманитарна ситуација и нејзиното нагло влошување во градовите Киев, Харков, Сума и Мариупол, како и на лична молба на претседателот на Франција, Емануел Макрон до претседателот на Русија, Владимир Путин, руските оружени сили од хумани причини објавуваат прекин на огнот на 7 март 2022 година од 10 часот, како и отворање хуманитарни коридори – соопшти рускиот Меѓуресорен координативен штаб за хуманитарна реакција во Украина.
Во информацијта уште се додава оти контролата на излегувањето на населението од градовите руските сили ќе го надгледуваат со помош на дронови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.