Невремето Сиаран, кое денеска ја погоди Западна Европа, однесе најмалку шест животи, меѓу кои и петгодишно дете во Белгија, и предизвика сообраќаен хаос – затворање на пристаништата и одложување на бројни летови.

Паѓањето на дрвја предизвикано од силните налети на ветерот уби шест лица: две во Белгија и по едно во Шпанија, Франција, Германија и Холандија.

Поради невремето, железничкиот сообраќај во Фландрија беше делумно во прекин, а возовите кои сообраќаат во Белгија сообраќаа со намалена брзина. Во Антверпен е во прекин поморскиот сообраќај, а на аеродромот во Брисел владее сообраќаен хаос, со одложени летови и долги доцнења.

Во Франција 1,2 милиони домаќинства останаа без струја, на англиски остров дуваа ветрови со брзина од 160 км/ч

Во невремето на северот на Франција, покрај еден загинат, 16 лица, меѓу кои седум пожарникари, се повредени. Во Франција околу 1,2 милиони домаќинства останаа без струја, најмногу во Бретања, од нив 780.000.

Невремето силно го погоди и југот на Англија, поради што беа откажани бродските и траектните линии од Довер. Затворени се и околу стотина училишта. Црвено предупредување е издадено на островот Џерси поради ветровите кои дуваат со брзина од 160 км/ч. Сите летови од аеродромите Џерси, Гернзи и Орињи се откажани.

Околу 200 летови беа одложени на аеродромот во Амстердам

Портокалово предупредување е на сила во Холандија, со ветрови кои достигнуваат брзина од 110 километри на час. Околу 200 летови беа одложени на аеродромот Шипхол во Амстердам. Во западна Франција, железничкиот сообраќај е затворен до петок, а брзите возови (TGV) меѓу Париз и Ле Ман и Париз и Нант исто така не сообраќаат. Ноќта од среда кон четврток во Бретања се забележани ветрови со брзина од 200 километри на час.

Во Шпанија, Галиција, на северозапад, беше најпогодена од невремето, а на сила е црвено предупредување, како и во Баскија, каде беа измерени бранови од осум до девет метри. Иако Португалија не беше директно погодена, властите објавија црвен аларм во крајбрежните области на северот на земјата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.