Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека нема да има прекин на огнот во Газа додека Хамас, кој се бори против израелските сили на таа палестинска територија, не биде „елиминиран“.

Нема да престанеме да се бориме додека не ги постигнеме сите цели што си ги поставивме: елиминација на Хамас, ослободување на нашите киднапирани и крај на заканата од Газа, најави Нетанјаху.

Во видео изјава објавена од неговиот кабинет, Нетанјаху посочи дека ќе ја продолжи војната до крај и дека секој што мисли дека ќе запре „нема врска со реалноста“.

Го напаѓаме Хамас со оган, пеколен оган. Секаде, па и денеска. Ги напаѓаме и нивните поддржувачи блиску и далеку. Сите терористи на Хамас, од првиот до последниот, се мртви луѓе. Тие имаат две опции: да умрат или да се предадат, истакна Нетанјаху.

Изјавата доаѓа во моменти кога лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, започна разговори во Египет за крај на конфликтот што ќе овозможи ослободување на заложниците што ги држи неговата организација, заедно со испорака на повеќе хуманитарна помош на опколената територија.

Најавата на Нетанјаху дојде додека ОН разговараат за нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на ОН за забрзување на испораката на помош за Газа.

Гласањето веќе двапати беше одложено бидејќи членовите бараат формулација со која би се избегнало вето од страна на САД, главниот сојузник на Израел. Текстот, кој првично бараше итен и траен прекин на непријателствата, сега алудира на суспендирање на борбите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.