Неколку европски земји, вклучително и Франција, ја поддржуваат идејата Европската унија да купува муниција произведена надвор од Европа за да продолжи да ги поддржува воените напори на Киев, изјавија учесниците на вчерашната конференција за поддршка на Украина во Париз.
Овој предлог, инициран од Чешка, „ужива голема поддршка од неколку земји. Ова е многу силна порака до Русија, изјави чешкиот премиер Петар Фиала по конференцијата, на која во Елисејската палата се собраа повеќе од 25 земји сојузници на Киев.
Според чешкиот лидер, околу 15 земји се подготвени да се приклучат на оваа иницијатива, која има за цел да одговори на недостигот на муниција, особено артилериски гранати, за Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон верува дека чешкиот предлог е „во склад“ со досегашната политика на ЕУ и најави дека Париз ќе му се придружи.
Ние побаравме од земјите што не се членки на ЕУ да предложат решенија и затоа ќе учествуваме во оваа иницијатива, рече францускиот претседател на прес-конференција, додавајќи дека „единствената цел е ефикасноста“.
Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека неговата земја ќе обезбеди „над 100 милиони евра“ за чешкиот план и дека „другите земји ќе ја следат“.
Руте одби да прецизира од кои земји надвор од Европа би можело да биде побарано да ја произведуваат муницијата. -Тоа е тајна, рече тој.
Неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, потпишаа билатерални безбедносни договори со Киев во последните неколку недели, но ЕУ, која обезбеди воена помош во вредност од 28 милијарди евра од почетокот на војната, се бори да ги исполни своите обврски, особено во однос на проектилите.
Португалскиот премиер Антонио Коста, кој исто така присуствуваше на конференцијата во Париз, увери дека министрите за одбрана на ЕУ ќе презентираат „во следните 10 дена конкретен план за зајакнување на капацитетот за нарачка на муниција за поддршка на воените напори на украинскиот народ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.