Австрискиот канцелар, Карл Нехамер, оцени дека има нов квалитет во соработка меѓу неутралните и неврзаните земји, каква што е Австрија со НАТО, но дека за официјална Виена членството во западната воена алијанса не е опција.

Тој додаде дека таквата опција воопшто не треба да се разгледува.

Австрија е и останува неутрален, но и доверлив партнер во однос на безбедносната политика – изјави Нехамер, кој учествува на Самитот на НАТО во Мадрид.

Тој потсети дека Австрија веќе е активна во мировните мисии на ЕУ со околу 400 војници, како и со 300 во мисиите на НАТО.

Според него, Австрија како неутрална земја може да се солидаризира и да делува како посредник.

Нехамер ја оцени како нов квалитет во односите поканата од шпанскиот колега Педро Санчез да присуствува на „евроатлантската вечера“, на која, покрај претставници на земјите од НАТО, присуствуваа и неврзаните членки на ЕУ.

Тој посочи дека тоа е, како што рече, можеби пресвртница во соработката, и дека тоа најверојатно е последица на војната во Украина.

Соработката НАТО-ЕУ е важен дел од одбранбената и безбедносната политика – изјави Нехамер.

Генералниот секретар на Партијата на слободата на Австрија (ФПО), Михаел Шнедлиц, учеството на Нехамер на Самитот на НАТО го оцени како погрешен и фатален сигнал.

Нехамер повторно му штети на нашиот статус на неутрална земја. НАТО дефинитивно не се залага за постојана неутралност – нагласи тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.