Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред учесниците на настан посветен на иднината на Алијансата, изјави дека влогот во денешната криза е голем и дека постои реална опасност од конфликт.

Се соочуваме со најголемата закана за европската безбедност со генерации – изјави Столтенберг за кризата со Украина и додаде дека „Русија претставува непосредна закана за Украина“.

Според Столтенберг, Москва ги доведува во прашање правилата за заедничка одбрана на Алијансата.

Тоа влијае не само на членството на Украина во НАТО, туку и на слободата на избор за приклучување кон пактот на Финска и Шведска.

Светот се движи кон стратешко ривалство, авторитарните сили сакаат да го променат светскиот поредок, да владеат со правото на силните. Големите сили се обидуваат со ултиматуми да им диктираат на другите што да прават – изјави Столтенберг.

Тој ја изрази подготвеноста на Алијансата да ја поддржи Украина политички, практично и финансиски.

Правото на самоодбрана е дел од Повелбата на ОН – изјави генералниот секретар по повод поддршката на сојузниците за Киев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.