На борците од руската република Чеченија под команда на Рамзан Кадиров најверојатно им било наредено да преземат водечка улога во борбите во Украина во деновите кога гувернерот на руската област Белгород најави евакуација на децата поради прекуграничните напади од Украина, јави Ал Џезира.

Институтот за проучување на војната (ИСВ) со седиште во Вашингтон во својот последен извештај објавен денеска вели дека руските воени команданти најверојатно им наредиле на Чеченците да се приклучат на битката по повлекувањето на платеничките сили на Вагнер од разурнатиот Бахмут.

Според ИСВ, Кадиров вчера потврдил дека неговите сили добиле нови наредби и оти ќе бидат распоредени во „жариштето на борбата“ за да „ослободат“ голем број населени места откако ќе ја преземат одговорноста за првите линии на фронтот во југоисточниот украински регион Доњецк.

Кадиров рекол дека чеченските специјални сили се подготвуваат за офанзивни операции пред очекуваната контраофанзива со која Украина има намера да ја врати територијата од руските сили.

Наводното враќање на чеченските сили во офанзивните операции ќе стави крај на речиси едногодишната пауза на Кадиров од борбените операции со висок интензитет во Украина, соопшти ИСВ.

Чеченските борци оперираа првенствено во областите зад линијата на фронтот, откако учествуваа во крвавите битки во украинските градови Мариупол, Северодоњецк и Лисичанск, соопшти ИСВ.

Чеченските единици може да бидат сфатени од Кремљ како неискористена офанзивна сила која може да ја врати способноста на Русија да одржи офанзивни напори на повеќе страни, додаде ИСВ.

Меѓутоа, Институтот исто така, забележува дека ако се вистинити извештаите за 7.000 чеченски војници во Украина, силите на Кадиров нема да имаат доволно војници за „успешно да спроведат повеќе значајни офанзивни операции“.

Опишувајќи се себеси како „пешадинец“ на рускиот претседател Владимир Путин, Кадиров претходно ги распореди своите сили за поддршка на руските воени операции во Сирија и Грузија.

Извештаите за можно враќање на чеченските сили во офанзивните операции доаѓаат во услови на зголемено гранатирање на пограничната област на рускиот Белгород, каде властите почнаа да ги евакуираат децата од областите Шебекино и Граиворон.

Регионалниот гувернер на Белгород, Вјачеслав Гладков, вчера на Телеграм соопшти дека првите 300 деца ќе бидат евакуирани во Воронеж, град кој се наоѓа на околу 250 километри североисточно од Белгород. Во наредните денови, уште 1.000 деца ќе бидат префрлени во други провинции, рече тој.

Безбедноста на децата во овие два окрузи е многу важна. Сите ние возрасните сме многу загрижени, рече Гладков.

Гладков нагласи дека ситуацијата се влошила во селото Шебекино, каде што имало повеќе гранатирања во текот на денот во кои четири лица биле ранети, но немало загинати.

Тој, исто така, ги повика руските сили да започнат напади и да го заземат украинскиот регион Харков, вклучувајќи го и градот Харков, за да создадат тампон-зона меѓу Белгород и Украина, наведува ИСВ.

Локалните медиуми јавија дека Шебекин бил гранатиран и утрово. Наводно, едно лице загинало, а две се ранети во нападот на Белгород во вторникот. Неколку рафинерии за нафта во регионот беа исто така погодени во последните недели.

Нападите на руско тло доаѓаат додека Киев вели дека подготвува голема офанзива против силите на Москва.

Ситуацијата е доста алармантна, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– До сега не слушнавме ниту еден збор на осуда од Западот, рече Песков за нападите во кои беа погодени руските цивили во регионот.

По повеќе од една година војна во Украина, Русија се соочува со сè поинтензивни напади на нејзина територија, со невиден упад на руски борци во Белгород минатата недела и напад со дронови врз Москва во вторникот.

Минатонеделниот упад од Украина во Русија на Рускиот волонтерски корпус (РВЦ) и сојузничката Легија на Слободна Русија беше најголем од почетокот на руската инвазија минатата година.

Кремљ вчера соопшти дека не размислува за воведување вонредна состојба во Русија, и покрај нападите со дронови врз Москва и континуираното гранатирање на пограничните области.

Според медиумите, Песков реагирал на барањата на чеченскиот лидер Кадиров за поостри напади врз Украина и прогласување вонредна состојба по нападот со дронови врз Москва.

Песков рече дека таквата одлука е на Москва, а не на регионите. Тој исто така изрази загриженост за континуираното гранатирање на Белгород.

Преземаме мерки, рече Песков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.