Рускиот амбасадор во Лондон предупреди дека војната во Украина може да ескалира бидејќи Велика Британија и западните земји продолжуваат да му доставуваат оружје на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јави ДПА.

Андреј Келин изјави за Би-Би-Си дека акциите на земјите од НАТО, а „особено“ оние на Британија, создале ризик од продолжување на војната и појава на „нова димензија“ на непријателствата.

Тој додаде дека Русија има „огромни ресурси“ и иако борбите траат повеќе од една година, неговата земја сè уште не почнала „да дејствува премногу сериозно“.

Русија е 16 пати поголема од Украина. Имаме огромни ресурси. Порано или подоцна, се разбира, оваа ескалација може да добие нова димензија, а тоа не ни треба и не го сакаме. Можеме да постигнеме мир уште утре, додаде рускиот дипломат.

Прашан за распространетите и зголемени докази за руските воени злосторства, Келин одговори дека Украина е таа што врши воени злосторства. Тој потоа го смени курсот и изјави дека ОН немаат овластување да истражуваат воени злосторства, забележа ДПА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.