Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, испратил прашања до неговиот американски колега, Ентони Блинкен, и до сите шефови на дипломатии на земјите членки на НАТО, за тоа како Алијансата го разбира принципот на неделивост на безбедноста, изјави денеска висок руски дипломатски извор.

-На оваа порака нема одговор ниту од Запад, ниту од кого било, изјави изворот, цитиран од руските медиуми.

Тој додаде дека Москва продолжува да подготвува „консолидиран“ одговор до САД и НАТО за безбедносните гаранции.

Рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко, претходно изјави дека Русија сè уште не им дала одговор на САД, откако Вашингтон минатата недела одговори на рускиот предлог за безбедносни гаранции, одбивајќи да даде писмени гаранции дека Украина и другите соседни земји нема да се приклучат на НАТО.

Изјавата на Грушко следи откако некои медиуми објавија дека американскиот Стејт департмент потврдил дека Москва одговорила откако САД и НАТО и дале одговори на барањата за безбедносни гаранции.

-Тоа не е точно, изјави Грушко за руските медиуми, додавајќи дека одговорите за САД и НАТО се уште се во подготовка.

Кон крајот на минатата година, Москва испрати предлози до САД и НАТО за безбедносни гаранции, кои вклучуваат суспендирање на натамошното проширување на НАТО кон Исток, како и доказ дека Украина нема да се приклучи на Алијансата.

САД и НАТО на 26 јануари доставија писмени одговори, а Москва соопшти дека ги разгледува, наведувајќи дека САД и НАТО не одговориле на главното прашање – непроширување на НАТО кон Исток.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.