Русија ги замрзна сметките на дипломатските претставништва на Финска на својата територија, објави денеска „Хелсингин саномат“, повикувајќи се на финското Министерство за надворешни работи.

Сметките на Финската амбасада во Москва и на Генералниот конзулат во Санкт Петербург се замрзнати и не можат да се користат, потврдија фински дипломати.

Финскиот медиум цитира електронска порака од министерството во која се вели дека ситуацијата е сериозна, а работата се истражува, додавајќи дека Финска ги контактирала руските власти за ова прашање, но не добила никаков одговор оттаму.

Според финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто, одлуката на Москва изгледа како провокација и тој не верува дека замрзнувањето на сметките е поврзано со членството на Финска во НАТО.

Во јануари годинава, финското Министерство за надворешни работи објави дека замрзнале руски средства- недвижен имот, акции, автомобили, јахти и авиони – во вредност од 187 милиони евра.

Минатиот месец Хелсинки воведе ограничувања на рускиот државен имот во финската престолнина, кои подоцна беа отстранети. Во март беше замрзната и сметката на Рускиот центар за наука и култура во финската национална банка „Нордеа“.

Минатата недела руските гранични контроли, наводно, почнале да им ги укинуваат визите на финските граѓани кои се обидувале да влезат во Русија за да пазарат и да купат поевтино гориво за своите автомобили.

Кон крајот на април, рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се воспоставува механизам за привремено преземање странски имот во Русија во случај други земји да го запленат рускиот приватен или државен имот во нивните јурисдикции или кога постои закана за националната, енергетската или економската безбедност на Русија.

Милијарди евра државни средства и имот на руски деловни луѓе и функционери се замрзнати во ЕУ од минатата година како дел од санкциите против Москва поради нејзината воена операција во Украина.

Финска и Русија досега го решаваа замрзнувањето на сметките првенствено дипломатски. И покрај најновиот инцидент, Финска се уште има нормални дипломатски односи со Русија.

Банките не можат да се мешаат во дипломатијата, нагласи Хаависто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.