Во Молдавија оваа недела се одржаа претседателски избори и референдум за продолжување на приближувањето кон ЕУ. Се чини дека Молдавците рекоа „не“ на Европската Унија и го отфрлија планот поранешната советска република да ја додаде целта за пристапување во ЕУа во нејзиниот устав. Изборната комисија соопшти дека 56 отсто од гласачите рекле „не“ на предлогот по делумното пребројување, додека 44 отсто рекле „да“, објави Ројтерс.

Во исто време, првите податоци на молдавската изборна комисија (по пребројани 34 отсто од гласачките ливчиња) покажуваат дека актуелната претседателка Маја Санду е во водство со 35 отсто од освоените гласови. Сепак, блиску е опозицискиот кандидат Александр Столијаногло со 29 отсто од гласовите.

Главно земјоделска земја со околу 2,5 милиони жители, Молдавија се обиде да ги прекине врските со Русија и да се приближи до ЕУ по стартот на војната во Украина во 2022 година. Поранешната советска република ги почна преговорите за членство во ЕУ во јуни.

Пред референдумот, анкетите покажаа дека околу 55 отсто од Молдавците би го поддржале потегот, додека 34 отсто биле против.

Сепак, за да биде валиден резултатот, во гласањето треба да учествува најмалку 33 отсто од гласачкото тело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.