Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повеќе не смета дека е невозможно Русија да престане да ги плаќа долговите, но тоа не треба да предизвика глобална финансиска криза, пренесуваат агенциите.

Веќе не сметаме дека е неверојатно дека ќе има суспензија на плаќањата на Русија. Поради санкциите воведени како резултат на инвазијата на Украина, Русија сега е во опасност да влезе во „длабока рецесија“ – изјави шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева во интервју за американската телевизија „ЦБС“.

Георгиева додава дека девалвацијата на националната валута, рубљата, веќе значително ја намалила куповната моќ на руското население. Девизните резерви на меѓународната централна банка на Русија се во голема мера блокирани како резултат на санкциите, што ѝ отежнува на Русија да го стабилизира курсот на рубљата.

Русија има пари да го сервисира својот долг, но не може да пристапи до нив – вели Георгиева.

Дополнително, сервисирањето на државниот долг во странски валути како што се американскиот долар или еврото станува сè покомплицирано.

На прашањето дали таквото неисполнување на плаќањата може да предизвика финансиска криза низ светот, таа одговора: „Сè уште не“.

Вкупната изложеност на банките во Русија изнесуваше околу 120 милијарди долари, сума која иако не е безначајна, „не е систематски релевантна“ – вели Георгиева.

Георгиева минатата недела изјави дека ММФ ќе ја намали претходната прогноза за глобален економски раст од 4,4 проценти во 2022 година како резултат на војната, но рече дека целокупната насока е сè уште позитивна.

Растот остана силен во земји како Соединетите држави, кои брзо се опоравија од пандемијата на Ковид-19 – вели таа за „ЦБС“.

Георгиева додава дека влијанието ќе биде најтешко во однос на зголемувањето на цените на суровините и инфлацијата, што потенцијално може да доведе до глад и несигурност во снабдувањето со храна во делови од Африка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.