Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел најави дека лидерите на ЕУ во следните неколку дена ќе разговараат за апликацијата на Украина за членство во ЕУ.

Во наредните денови ќе разговараме за апликацијата на Украина за членство во ЕУ – напиша Мишел на Твитер.

Следна можност да се разговара за ова прашање е неформалниот самит што ќе се одржи во четврток и петок во Версај.

Француското претседателство со Советот на ЕУ го планираше состанокот првенствено да разговара за европскиот модел на раст и инвестиции до 2030 година, но руската инвазија на Украина, кандидатурата за членство на Украина и безбедносната ситуација во Европа најверојатно ќе ја засенат првично планираната тема.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна најави дека сака самит на кој ќе се разговара за промени во европската одбранбена политика и европска стратегија за енергетска независност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела потпиша апликација за членство во ЕУ, а наскоро такви барања упатија и Грузија и Молдавија. Сите три земји учествуваат во Источното партнерство, во кое ЕУ работи на зближување и соработка со своите источни соседи, но не им ја нуди перспективата за членство ветена на Западен Балкан.

Сега се поставува прашањето дали најновите случувања ќе го променат тоа. Ова е многу чувствително прашање за Европската Унија. По руската инвазија на Украина, Унијата дејствуваше многу брзо, воведувајќи невидени санкции против Русија, покажувајќи солидарност и единство со Украина и со Украинците, но по прашањето за проширување тешко е да се очекува такво единство, барем засега – порача Мишел.

Во посебен твит, Мишел напиша дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, од кого побарал „да ги прекине непријателствата и да отвори хуманитарни коридори во Украина“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.