Жителите на крајбрежните области во западно Мексико се подготвуваат за ураганот Розлин, кој се движи низ Тихиот Океан откако се засили до категорија 4 и се очекува денеска да го погоди копното.
Ураганот има ветрови со брзина од 215 километри на час и се наоѓа на 145 километри од Кабо Кориентес, соопшти Националниот центар за урагани на САД. Ураганот се смета за силен кога ќе ја надмине категоријата три на петстепената скала Сафир-Симпсон.
Се очекува невремето со полна сила да ја погоди државата Халиско, вклучувајќи го и туристичкото место Пуерто Ваљарта. Продавниците во одморалиштето почнаа да се затвораат вчера попладне, откако владата ги советуваше да го прекинат целиот бизнис.
Вкупно 303 лица се евакуирани во близина на местото каде што се очекува да погоди ураганот. Во неколку населени места се формирани прифатилишта за лица кои живеат во ранливи области.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.