Мексико го покани рускиот претседател Владимир Путин на инаугурацијата на новоизбраната претседателка Клаудија Шејнбаум на 1 октомври, објави во средата рускиот весник „Известија“, повикувајќи се на мексиканската амбасада во Русија.
„Поканата до Русија да учествува на инаугурацијата на претседателот Шејнбаум е испратена до претседателот Путин“, изјави претставник на мексиканската амбасада, пренесува „Известија“.
„Рускиот претседател ќе одлучи дали самиот ќе учествува на церемонијата или ќе назначи друг висок функционер да го стори тоа во негово име“, пишува весникот.
Министерството за надворешни работи на Мексико подоцна за Reuters изјави дека владата испратила дипломатски ноти до сите земји со кои има односи, како и до меѓународните организации чиишто членка е, поканувајќи ги на инаугурацијата.
Меѓународниот кривичен суд (ICC) издаде налог за апсење против Путин во 2023 година, обвинувајќи го за воено злосторство за илегално депортирање на стотици деца од Украина, откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Иако Русија не е членка на ICC, Мексико е. Но, двете земји развиваат блиски врски, а Путин ѝ честиташе на Шејнбаум за нејзината победа во јуни, велејќи дека Мексико е „историски пријателски партнер на Русија во Латинска Америка“.
Министерството за надворешни работи не одговори на прашањето како членството на Мексико во ICC ќе влијае на евентуалното доаѓање на Путин на инаугурацијата на претседателот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.