Компанијата Мекдоналдс оваа недела привремено ги затвора своите канцеларии во САД бидејќи се подготвува да ги извести вработените за отпуштања. Според компанијата, тоа е дел од поширокото преструктуирање на компанијата, соопшти „Волстрит џурнал“.

Во внатрешната е-пошта испратена до вработените во САД и некои меѓународни вработени минатата недела, најпопуларниот синџир на ресторани за брза храна побарал од вработените да работат од дома.

Не е јасно колку од нив ќе бидат отпуштени, објави весникот, а во е-поштата од компанијата со седиште во Чикаго, се наведува дека во текот на неделата, ќе бидат соопштени „клучните одлуки поврзани со улогите“ и бројот на персоналот на компанијата.

Мекдоналдс исто така побарал од вработените да ги откажат сите состаноци со продавачите и другите надворешни соработници. „Ројтерс“ пишува дека компанијата во јануари објавила дека ќе ги разгледа нивоата на корпоративниот персонал како дел од својата деловна стратегија, што може да доведе до отпуштања во некои области и проширување во други.

Мекдоналдс е само уште една во низата американски (и светски) компании кои прават вакви кратења. Дури и моќната УБС, која неодамна го презеде „Кредит свис“, најави елиминација на околу 30 отсто од работните места.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.