Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг одлучи дека Израел мора да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот во Газа, вклучително и убивањето припадници на палестинскиот народ и нанесување штета на Палестинците.

Судот пресуди дека Израел мора да стори сé што е можно за да спречи јавно поттикнување за уништување на Палестинците како група и мора да обезбеди проток на хуманитарна помош.

Израел за еден месец ќе треба да поднесе извештај за преземените мерки.

МСП исто така повика на ослободување на сите заложници заробени од Хамас за време на нападот врз Израел на 7 октомври.

Судот утврди дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа бара донесување итни мерки за заштита на правата на Палестинците пред конечната пресуда, која би можела да биде донесена дури за неколку години.

Судот претходно објави дека има јурисдикција да донесе одлуки за итни мерки во судскиот спор што го покрена Јужна Африка и дека земјата има право да поднесе тужба против Израел.

Претседателката на МСП, Џејн Доногу, изјави дека некои од обвинувањата против Израел потпаѓаат под одредбите на Конвенцијата за геноцид и дека Палестинците претставуваат група заштитена според таа Конвенција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.