Либанскиот премиер, Наџиб Микати ијави дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах е „фундаментален чекор“ кон регионалната стабилност. Заблагодарувајќи им се на Париз и Вашингтон за нивниот ангажман, Микати истакна дека либанската влада е посветена на „зајакнување на присуството на армијата на југот на земјата“, упориштето на движењето Хезболах.

Палестинските власти денеска го поздравија примирјето меѓу Израел и Хезболах и изразија надеж дека тоа „ќе помогне да се запре насилството и нестабилноста“ во регионот.

Техеран го поздрави „запирањето на израелската агресија“ во Либан, каде Иран финансиски и воено го поддржува Хезболах.

Иран цврсто ја поддржува владата, нацијата и либанскиот отпор“, изјави иранскиот дипломатски портпарол Есмаил Багај.

Ирачкото Министерство за надворешни работи го поздрави прекинот на огнот во Либан, повикувајќи на дополнителни меѓународни напори за да се избегне каква било понатамошна ескалација.

Меѓународната заедница, исто така, мора да преземе сериозни и итни мерки за да ги запре масакрите и нападите врз Палестинците во Газа, додаде Министерството.

Саудиска Арабија ги поздрави „сите меѓународни напори“ за прекин на огнот, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи.

Влијателната монархија на Заливот порача дека се надева оти прекинот на огнот ќе доведе до „зачувување на суверенитетот“ на Либан и спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.

Јорданското Министерство за надворешни работи денеска го поздрави „важниот чекор“.

Тој чекор „мора да биде придружен со меѓународни напори насочени кон ставање крај на агресијата врз Појасот Газа, како и израелските напади на окупираниот Западен Брег“, се вели во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Катар „го поздравува прекинот на огнот склучен во Либан“.

Како што се наведува во соопштението, Министерството додаде дека се надева на „сличен договор за ставање крај на тековната војна во Појасот Газа и израелските напади на окупираниот Западен Брег“.

Турското Министерство за надворешни работи „го поздрави позитивниот исход од преговорите за прекин на огнот во Либан и се надева дека тој ќе биде постојан“.

Меѓународната заедница треба да изврши притисок врз Израел строго да го почитува прекинот на огнот и да ја компензира штетата што ја предизвика во Либан, додаде тој.

Пекинг соопшти дека го „поздравува“ прекинот на огнот во Либан меѓу Израел и Хезболах.

Ги поддржуваме сите напори за намалување на тензиите и постигнување мир и го поздравуваме договорот за прекин на огнот постигнат од релевантните страни, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок оцени дека договорот е „трошка надеж за целиот регион“.

Населението од двете страни на границата сака да живее во вистинска безбедност што трае, рече Бербок.

Прекинот на огнот „ќе донесе одредено олеснување за цивилното население на Либан и северен Израел, кои претрпеа незамисливи последици во последните месеци од разорниот конфликт“, рече британскиот премиер, Кир Стармер.

Тој додаде дека прекинот на огнот „сега мора да се трансформира во трајно политичко решение во Либан“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.