Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека условите поставени од рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот во Украина „не се прифатливи за никого“.
Не гледам дипломатско решение во наредните часови, па дури и денови – изјави Макрон во Версај пред Самитот на Европската Унија, кој ќе се фокусира на руската воена акција во Украина, како и барањето решенија за зголемувањето на цените на енергијата и постигнување помала зависност од Русија за гас и нафта.
Макрон истакна дека не го гледа прекинот на огнот во Украина како „реален“ во блиско време.
Дефинитивно сум оптимист, но морам да бидам и реален – додаде Макрон.
Претходно во текот на денот, Путин имаше телефонски разговор со Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Зборувајќи за барањето на Украина за брз пристап во ЕУ, Макрон изјави дека тешко е да има такво нешто во моментов.
Со земја во војна? Мислам дека не… Но, дали треба да ја затвориме вратата и да кажеме „никогаш“? Тоа би било неправедно – изјави Макрон.
Францускиот претседател оцени дека војната во Украина е „трагедија… човечка, политичка и хуманитарна трагедија“, и додаде дека „ќе доведе до целосно редефинирање на архитектурата на Европа“.
Ова се дискусии кои се стратешки и историски. Тие денес, во следните недели и месеци, ќе доведат до историски одлуки за нашата Европа – изјави Макрон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.