Францускиот претседател Емануел Макрон денеска по самитот на ЕУ во Прага предупреди дека зимата следната година и 2024 година за Европејците ќе биде уште потешка од претстојната, поради проблемите со снабдувањето со гас.
Макрон им рече на новинарите дека Европа ќе ги интензивира разговорите со добавувачите на гас и ќе ги координира набавките со главните азиски партнери, како и ќе воспостави механизми за да обезбеди финансиска солидарност меѓу европските земји за купување енергија, објави Ројтерс.
Европската Унија денеска официјално го усвои осмиот пакет санкции против Русија, како одговор на нелегалната анексија на четири украински региони, јави дописничката на МИА од Брисел. Главен фокус на овој пакет е ограничувањето на трговијата со руска нафта за трети земји, надвор од ЕУ.
Конкретно, ЕУ со ова воведува ценовен плафон за морскиот превоз на руска нафта во земји што не се членки на ЕУ, каде што санкциите врз нафтата се веќе усогласени. Европската Унија сака да го намали приходот од нафта за Москва, која својата трговија ја пренасочува надвор од ЕУ поради санкциите.
Германскиот министер за економија предупреди дека ЕУ во потрага по алтернатива плаќа многу поскапо.
Во потрага по алтернатива на рускиот гас, земјите од ЕУ мораат да плаќаат многу повисоки цени, пред се за течниот нафтен гас, поради што министерот за економија на Германија, Роберт Хабек, критикуваше одредени земји кои снабдуваат гас по огромни цени, пред се САД.
Хабек за весникот „Оснабрикер цајтунг“ вели дека цените на гасот од САД се „астрономски“.
– САД се свртеа кон нас кога цената на нафтата вртоглаво порасна и тогаш националните нафтени резерви на Европа беа исцрпени. Верувам дека таквата солидарност сега би била добра за намалување на цената на гасот – рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.