Францускиот претседател Емануел Макрон од 26 до 28 мај ќе престојува во државна посета на Германија која ќе биде во контекст на европската соработка, со планирани посети на Берлин, Дрезден и Минстер, соопшти денеска германското претседателство.

Посетата, која е прва на француски претседател во последните 24 години, ќе се реализира непосредно пред изборите за Европскиот парламент (6 до 9 јуни) и почетокот на Европското фудбалско првенство во Германија, кое ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, и Олимписките игри во Париз кои следат веднаш потоа.

Францускиот претседател редовно се среќава со германскиот канцелар Олаф Шолц во Париз или Берлин, додека оваа државна посета, најважна во протоколарната хиерархија, ја организира германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Емануел и Брижит Макрон ќе бидат пречекани со воени почести во палатата Белви во Берлин, резиденцијата на германскиот претседател, а потоа ќе присуствуваат на „прославата на демократијата“ по повод 75-годишнината од германскиот Основен закон и 35 години од мирната револуција во 1989 година што доведе до повторно обединување на двете Германија.

Со потпишувањето на Основниот закон на 23 мај 1949 година е основана Сојузна Република Германија.

Вториот и третиот ден од посетата ќе бидат во Дрезден и Минстер, каде што ќе разговараат за „заедничките предизвици на кои Франција и Германија можат да дадат заеднички одговори во Европа, на полето на технолошките иновации и конкурентност или на теми за мир и безбедност на континентот“, се наведува во соопштението.

Претседателот Макрон ќе биде единствениот странски гостин на годишнината од основањето на Сојузна Република Германија, на барање на претседателот Штајнмаер кој сака „да ја нагласи уникатната вредност на француско-германското пријателство“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.