Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз отвори „хуманитарна конференција“, чија цел е да се деблокира испораката на хуманитарна помош во Газа.
Нема многу надеж за напредок бидејќи израелската влада и лидерите на арапските држави не дошле на конференцијата.
Израел продолжува да го бомбардира градот Газа, принудувајќи десетици илјади цивили да побегнат на југ од енклавата. Израелски воен претставник изјави дека „нема хуманитарна криза во Појасот Газа“, притоа признавајќи дека палестинските цивили се соочуваат со „бројни тешкотии“.
„Мораме да работиме на заштита на цивилите.Додека Израел има право да се брани себеси и должност да го заштити своето, неговата влада исто така има важна должност- да го почитува законот и да ги штити цивилите“, рече тој. „Борбата против тероризмот никогаш не може да се води без правила“, додаде тој, нагласувајќи дека хуманитарната ситуација се влошува „секој ден“.
Повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, загинаа во нападот на Хамас врз Израел, а повеќе од 10.000, исто така главно цивили, во израелското бомбардирање на Појасот Газа. Набрзина најавена минатата недела, на конференцијата учествуваат претставници од втор ранг. Палестинските власти испратија премиер, а Египет министерска делегација.
За иницијативата била информирана израелската влада, но никого не испратиле. „Знаеме дека ситуацијата со цивилите во Појасот Газа не е лесна“, изјави денеска полковникот Моше Тетро, одговорен за Газа во телото на Министерството за одбрана што ги надгледува цивилните активности на палестинските територии, негирајќи дека има хуманитарна криза.
Хуманитарните организации, силно застапени во Париз, едногласно ја критикуваа неможноста да се достави помош за Појасот Газа.
„Не можеме да чекаме минута повеќе за хуманитарен прекин на огнот во Газа и укинување на опсадата што е колективна казна за милион деца“, рече Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ). „Законот се крши пред нашите очи од двете страни.“
ОН процениле дека на населението во Газа и на Западниот Брег му се потребни 1,2 милијарди американски долари помош до крајот на годината. Целта на конференцијата е заедничка проценка на состојбите и мобилизација на партнерите и доверителите.
Пред сѐ ќе разговараат за помош во храна, медицинска опрема и енергија, како и за финансиски донации. Франција ќе ја зголеми помошта од 20 на 100 милиони евра, рече Макрон.
Во последниве недели има сѐ погласни повици за „паузи“, „прекин на огнот“, со цел да се достави помош и да се ослободат над 240-те заложници кои ги држи Хамас.
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера повторно ја отфрли можноста за прекин на огнот без ослободување на заложниците. Извор близок до Хамас во Газа изјави за АФП дека Катар посредува во разговорите за ослободување на 12-те заложници, меѓу кои и шест Американци, во замена за „тридневен хуманитарен прекин на огнот“.
„Она што го прави израелската влада го надминува правото на самоодбрана“, рече египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри во Париз.
„Колку Палестинци мора да бидат убиени за да се запре војната? Дали е доволно убиството на шест деца и четири жени на час?“ рече палестинскиот премиер Мохамад Стајех, барајќи „крај на двојните стандарди“.
„Никогаш ОН не забележале толку мртви за толку кратко време во конфликт“, изјави денеска Филип Лазарини, директор на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), додавајќи дека речиси стотина вработени во неговата агенција биле убиени.
Елисејската палата соопшти дека конференцијата нема да заврши со заедничка декларација за да се избегне бескрајна дебата за секој збор, објави Франс 24.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.