Индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнаа на маргините на самитот на БРИКС во Русија, на нивниот прв билатерален состанок по пет години.
Како што соопшти индиското Министерство за надворешни работи, состанокот доаѓа само неколку дена откако двата соседа го објавија договорот за границата, кој има за цел да стави крај на четиригодишниот конфликт во планинската област Ладак.
Си и Моди се ракуваа и двајцата ја истакнаа важноста од решавање на мешусебните спорови.
Двајцата лидери потврдија дека стабилните и пријателски односи меѓу Индија и Кина, како два соседа и најголемите нации во светот, ќе имаат позитивно влијание врз регионалниот и глобалниот мир и просперитет, рече индискиот министер за надворешни работи, Викрам Мисри.
Кинескиот лидер изјави дека двете земји се на клучна фаза од развојот и дека „треба внимателно да ги решаваат разликите и несогласувањата и да си го олеснат меѓусебното остварување на развојните аспирации“.
Важно е двете страни да ги преземат своите меѓународни одговорности, да бидат пример за зајакнување на силата и единството на земјите во развој и да придонесат за промовирање на мултиполаризацијата и демократизацијата во меѓународните односи, изјави Си.
Индија во понеделникот соопшти дека двете земји се согласиле на пакт за обновување на воените патроли долж спорната граница на Хималаите.
Кина го потврди договорот следниот ден, наведувајќи дека двете страни постигнале резолуции во врска со нивната граница.
Кина ќе работи со Индија за правилна имплементација на овие резолуции, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Ѓан.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа на самитот во јужна Индија во октомври 2019 година, неколку месеци пред да почнат немирите на нивната граница.
Односите меѓу двете земји се влошија во јули 2020 година, кога во воен судир загинаа 20 индиски војници и четворица Кинези.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.