Лидерите на Европската Унија, на самитот во Брисел, соопштија дека се подготвени во следните 12 месеци да го поддржат планот за испраќање во Украина на еден милион парчиња артилериска муниција за да и помогнат на земјата да се спротивстави на руските сили.
Веста ја соопштија неколку високи дипломати на ЕУ, нагласувајќи дека министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ, претходно неделава, го одобриле планот за забрзана процедура за купување, а лидерите на 27. земји членки на Унијата конечната одлука ќе ја донесат на самитот во Брисел, пренесоа американските медиуми.
Откако по повеќе од една година интензивни борби Украина се соочи со недостиг на муниција, естонската премиерка Каја Калас минатиот месец ја претстави идејата ЕУ да донесе заеднички план за набавки на муниција сличен на оној што беше смислен за време на пандемијата на корона вирус за купување вакцини.
Најитната потреба на Украина е брзото испраќање муниција, бидејќи тоа може да донесе промена во оваа војна, изјави Калас.
Според планот, Европската агенција за одбрана ќе одговори на барањата на земјите-членки за надополнување на залихите паралелно со испораките и ќе води брза процедура за директни преговори со добавувачите на индустријата за муниција во Европа.
Кога ќе ја имаме оваа заедничка набавка, одбранбената индустрија ќе има нарачки и можност да го удвои своето производство, бидејќи тоа досега не го правела, изјави Калас.
Според различни проценки, Украина дневно истрелува 6.000-7.000 артилериски гранати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.