Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров најави почеток на нова фаза од операцијата во Украина.

Таа операција продолжува, сега почнува следната фаза од таа операција. Убеден сум дека ова ќе биде многу важен момент од целата специјална операција – изјави Лавров.

Во интервју за „Индија тудеј“, Лавров вели дека во оваа фаза од специјалната операција во Украина, Русија размислува за употреба само на конвенционално оружје.

Русија не ја разгледува можноста за употреба на нуклеарно оружје во Украина, ние зборуваме само за конвенционално оружје – истакна Лавров.

Тој повтори дека „специјалната операција“ во Украина е насочена кон „целосно ослободување на Доњецката и Луганската народна република“.

Лавров потоа додаде дека конфликтот одамна би бил решен доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски соработувал во спроведувањето на Договорите од Минск.

За причината за конфликтот, Лавров ја обвинува желбата на САД и Западот да владеат со светот, додавајќи дека Западот го предал Зеленски користејќи го за судир со Русија.

Сакаа да покажат дека нема да има мултиполарност, само униполарност. На Украина и дадоа отскочна даска и ја поттикнаа на судир, снабдувајќи ја со оружје – вели Лавров.

Тој додава дека вистинската причина за војната во Украина е „суетата на повеќето западни земји по Втората светска војна“.

Тие ги прекршија ветувањата кон раководството на Русија и почнаа да го поместуваат НАТО на исток по распадот на СССР. Тие лажно тврдеа дека тоа е одбранбен сојуз, а не закана за руската безбедност – изјави Лавров.

Лавров вели дека по средбата во Истанбул, Москва ја променила тактиката на воено присуство во Украина

Ги прегрупиравме и повлековме силите од регионите на Киев и Черингов како гест на добра волја, затоа што Украинците го земаа предвид тоа што би можело да биде основа на договорот, но тие тоа не го ценеа. Наместо тоа, во Буча беше изведена провокација и „местенка“ – вели Лаворв.

Одговарајќи на наводите за воени злосторства наводно извршени од страна на руската војска, Сергеј Лавров изјави дека нивните сили целеле само воена инфраструктура, а не цивили.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.