Македонија и Црна Гора се заведени од Западните земји и САД, ја коментира Лавров македонската одлука за протерување на руските дипломати.

Се гледа тенденцијата на бриселските функционери кон автократија. Кога почна војната со санкциите, тие ги намамија Црна Гора, Македонија и другите на своја страна со ветувања дека брзо ќе ги примат во ЕУ. Ги вовлекоа во НАТО, ги тапкаа за приклучување кон санкциите и рекоа „браво момци, само продолжете“. Ова е навистина сериозен проблем, бидејќи е доведен во прашање угледот на ЕУ, на која Америка целосно и го отстапи Балканот  – изјави Лавров.

Од Москва веќе најавија соодветен одговор по протерувањето на руските дипломати од Скопје.

Ваквата одлука на Македонија е непријателски чекор и продолжување на курсот кон брзо распаѓање на билатералните односи со Русија, велат од руското МНР.

Вчера во македонското министерство за надворешни работи на рускиот амбасадор во земјава му била врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во амбасадата се посочени како непожелни во земјава и дека извршувале активности кои се спротивни со Виенската конвенција. Македонија лани во два наврата прогласи двајца дипломати за непожелни личности.

И во двата случаи Москва донесе реципрочни мерки и протера двајца дипломати од Москва. Кремљ најави и нови ограничувања за влез во Русија за граѓаните на, како што вели, непријателските држави.

На листата се наоѓаат САД и Канада, земјите од ЕУ, Британија и неколку други земји, меѓу кои и Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.