Кремљ соопшти дека постои можност за продолжување на дијалогот со САД, но потенцира дека главните безбедносни барања на Русија не се земени предвид во одговорите добиени од САД.

Не може да се каже дека нашите ставови беа земени предвид или дека беше покажана подготвеност да се земат предвид нашите грижи – изјави пред новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој изјави дека документите доставени од Вашингтон во координација со сојузниците во НАТО, се во рацете на претседателот Владимир Путин.

Сите овие документи се кај претседателот. Да не избрзуваме со проценките, потребно е време да се анализира – појасни Песков.

Тој истакна дека Вашингтон и НАТО побарале документите да останат доверливи, но дека со оглед на тоа колку детали веќе биле откриени од западните претставници „навистина можеби не вреди такво нешто“.

Оквалификувајќи ги тензиите во Европа како потсетување на Студената војна, портпаролот на Кремљ, појасни дека на Москва и треба време да го разгледа одговорот на САД на големите безбедносни барања на Русија.

Во интерес и на Москва и на Вашингтон е да го продолжат дијалогот, иако забелешките на САД и НАТО дека главните барања на Русија се неприфатливи оставаат малку простор за оптимизам – изјави Песков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.