Во Словачка на 23 март ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, а фаворити се Иван Корчок и Петер Пелегрини.

На само неколку дена пред изборите, во трката за претседателската функција се издвои Корчок (59), кој според новите анкети има најголема поддршка откако ја објави својата кандидатура во летото 2023 година, пренесува „Словак спектејтор“.

Резултатите од најновата анкета на агенцијата НМС Истражување на пазарот се спротивни на некои неодамнешни кои укажуваат дека поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Корчок (2020-2022) достигна максимумот поддршка.

Напротив, според последните податоци, Корчок ќе победи во првиот круг со 36 отсто од гласовите, додека лидерот на левичарската партија Хлас (Глас) и претседателот на Парламентот, Пелегрини (48) ќе освојат 34,2 отсто.

Пелегрини е поранешен заменик на актуелниот премиер Роберт Фицо во партијата Смер.

Под претпоставка дека никој нема да добие повеќе од 50 отсто од гласовите во сабота, двајцата кандидати со најмногу гласови преминуваат во вториот круг на 6 април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.