Последниот пакет санкции од Европската Унија кон Русија вклучува и забрана за движење на руски и белоруски камиони на територија на Унијата, освен оние кои превезуваат лекови, пошта или нафтени деривати. Рокот за спроведување на оваа мерка измина викендов, што предизвика огромен хаос на границите.
Агенцијата „Ројтерс“, преку снимки од дронови, ги прикажа километриските редици на границата меѓу Полска и Белорусија, каде што се формираа колони на камиони, долги и до 80 километри, во обид да ја напуштат европската почва по стапувањето во сила на овие санкции. Поради огромните гужви, чекањето за излез од ЕУ достигнуваше и до 33 часа. Нешто слично се случуваше и на границите на Литванија.
Во неделата беше крајниот рок за камионите од Русија и Белорусија да ја напуштат ЕУ, но има илјадници товарни возила кои сè уште се на тлото на ЕУ по изминувањето на крајниот рок. Тоа, пак, го отвора прашањето што ќе се случува со овие камиони.
Според „Би-Би-Си“, една од можностите е дека тие би биле запленети од националните власти, можност поради која Полска се плаши дека Русија и Белорусија може реципрочно да го направат истото со полските камиони во нивните земји. Вакво нешто изјави полски функционер како претставник на транспортните групи.
Според полската агенција ПАП, веќе во понеделникот, надвор од крајниот рок, просечното време на чекање било намалено на околу три часа, при што околу 50 камиони чекале да преминат во Белорусија на границата со Корошчин. Заплената не се случи, но рокот за усогласување со наведените санкции беше продолжен.
Белорусија, од своја страна, постапи на сличен начин, забранувајќи камиони од Европската Унија да циркулираат на нејзина територија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.