Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека нема намера да се расправа, како одговор на критиките упатени од претседателот на државата, Володимир Зеленски, дека не е направено доволно за да се олесни ситуацијата за граѓаните на престолнината кои се соочуваат со недостиг од греење и струја.
„Воспоставени се 430 затоплени центри, како поддршка на населението во справувањето со последиците од руските напади врз електроцентралите“, изјави Кличко, кој најави отворање уште стотина такви центри во случај на естремна нужност.
Претседателот Володимир Зеленски минатата недела рече дека добивал „особено многу поплаки од Киев“ за ситуацијата со снабдувањето со енергенси, на што Кличко одговори преку Телеграм дека не сака да се вмеша во политички битки, „особено не во сегашната ситуација“.
„Тоа е бесмислено. Морам да работам во градот. Денес, кога треба да бидеме обединети и да работиме заедно, се игра некаква политичка игра“, рече тој.
Минатата недела Зеленски поттикна отворање „центри на непобедливост” низ Украина, загреани засолништа за населението, во кои луѓето ќе имаат пристап до вода, интернет, мобилни врски и бесплатни лекарства, 24 часа на ден.
Русија врши напади врз украинските енергетски капацитети, по серијата порази на фронтот и повлекувањето од Херсон, единствениот голем град што го освои од почетокот на инвазијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.