Кинески научници нашле технолошко откритие коешто може да понуди решение за откривање на американските „невидливи“ борбени авиони Ф-22 „Раптор“. Новото откритие може да има значително влијание врз ефикасноста на Ф-22, пишува „Саут Чајна морнинг пост“.

Кинеските истражувачи на воздухопловството објавија дека развиле револуционерна радарска технологија за подобро откривање на стелт авиони, вклучувајќи го и Ф-22, кој САД го промовираат како најнапреден во светот.

Се верува дека површината на радарскиот пресек (ПРП), односно мерката за откривање на даден објект со радар, во случајот со Ф-22 е само еден квадратен сантиметар.

Сепак, тим од Колеџот за воздушна и ракетна одбрана на Универзитетот на воздухопловните сили Ксиан во провинцијата Шанкси, открил начин за откривање стелт авион со исти конфигурации како Ф-22 користејќи ја истата јачина на сигналот што се користи за откривање на обични ловци чиј ПРП е 60.000 пати поголем, пренесува кинескиот медиум.

Тим кинески научници го тестирале овој метод на површина од околу 63.000 квадратни километри, односно на површина доволно голема за непријателскиот авион да остане во своите граници и покрај можните маневри.

Тие велат дека откритието ќе им овозможи на кинеските радари да лоцираат авиони Ф-22 во реално време за само 0,008 секунди, со минимална маргина на грешка помала од 20 метри, а потоа брзо да ја пренесат оваа информација до пресретнувачите и противвоздушната одбрана.

Новото откритие може да има значително влијание врз ефикасноста на Ф-22, бидејќи максималниот дострел на ракетите воздух-воздух што ги носи овој авион е околу 100 километри.

Паметна распределба на ресурсите

Откривањето на стелт авиони често вклучува употреба на значителна количина на ресурси во рамките на радарската мрежа. Покрај тоа, во реални борбени ситуации, бројот на воздушни цели може да биде огромен, а еден радар може да одвои само дел од своите ресурси за откривање и следење на Ф-22.

Сепак, тимот кинески научници велат дека го надминале овој проблем со методот на „паметна распределба на ресурси“, кој овозможува централизирана радарска мрежа да ги приспособи зракот и моќноста на секој радар врз основа на карактеристиките на стелт авионот и промените на позицијата следени во реално време.

Ова ѝ овозможува на радарската мрежа да ги фокусира своите ограничени ресурси на најекспонираниот азимут или аголот на летот на стелт ловецот, со што значително се зголемува интензитетот и точноста на следењето на нејзината радарска патека, истовремено обезбедувајќи дека таа е постојано фиксирана.

Затоа, секој радар треба да потроши само дел од својата моќ за следење на стелт-ловци, а сеопфатното и стабилно следење на формациските ловци Ф-22 може да се постигне со само три радари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.