Новиот тим астронаути стигнаа до кинеската вселенска станица Тијангонг (Небесна палата), објави кинеската државна телевизија. Тројцата астронаути, Феи Јунлонг, Денг Џингминг и Жанг Лу влегоа во станицата по шестчасовниот лет и автоматизираниот маневар на спојување, а ги дочекаа нивните колеги Чен Донг, Лиу Јанг и Каи Суже, кои се на станицата од јуни.

Вселенското летало Шенжу-15 или „Божествена лаѓа“ со тројцата патници беше лансирана со ракетата Долг марш-2Ф од центарот за лансирање Јиуџијан во пустината Гоби, на северозападот на Кина, во вторникот. Шенжу-15 е последната од 11 мисии, вклучувајќи ги трите претходни мисии со екипаж, кои требаше да ја состават „Небесната палата“, станицата со повеќе модули.

Тројцата астронаути ќе ја преземат должноста од екипажот на Шенжу-14, кој стигна на почетокот на јуни. Се очекува претходните членови на екипажот да се вратат на Земјата на почетокот на декември, по еднонеделното примопредавање со кое ќе се утврди способноста на станицата привремено од одржи шест астронаути, што е уште еден рекорд на кинеската вселенска програма.

Станицата има проектиран животен век од најмалку една деценија, а се очекува астронаутите кои живеат во неа да спроведат повеќе од 1.000 научни експерименти – од проучување на прилагодувањето на растенијата во вселената до однесувањето на флуидите во микрогравитација.

„Небеската палата“ е кулминација на речиси две децении кинески екипажи во вселената. Кинеските вселенски летови со човечки екипаж почнаа во 2003 година, кога поранешниот борбен пилот Јанг Ливеи беше испратен во малата капсула Шенжу-5, со што стана првиот Кинез во вселената.

Вселенската станица е исто така симбол на кинеското влијание во таа сфера. Кина беше изолирана од Меѓународната вселенска станица од НАСА, додека со американски закон беше забранета секаква соработка на американската вселенска агенција со Кина.

Во рамки на мисијата Шенжу-15 екипажот ќе живее и работи на вселенската станица шест месеци. Кина веќе успешно управува со возило за истражување на Марс. Исто така изврши и неколку мисии на Месечината. Кинезите работат и на вселенско летало за повеќекратна употреба кое може да биде завршено до 2025 година.

Во текот на следните пет години примероци од поларните области на Месечината ќе бидат донесени на Земјата. Кинеската вселенска агенција работи со Русија на истражувачка станица на Месечината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.